Тие таму, наводно, гледаат подобри услови за работење. А турската влада настојува да привлече добро образована работна сила,
Голем број од германските Турци ги привлекува татковината на нивните родители, баби и дедовци. Според податоците на германскиот завод за статистика, во 2011 година од Турција во Германија дошле нешто помалку од 31.000 луѓе, додека во истиот период 33.000 луѓе од Германија заминале за Турција. Тој тренд трае од 2006 година и не сопира.
Една од главните причини е стопанскиот напредок на Турција и со самото тоа поголемите шанси за вработување. Турскиот министер за индустрија Нихат Ергун при неодамнешната посета на Берлин ги пофалил условите за работење во Турција и ги повикал добро образованите експерти.
„Германија би требало во Турција да испрати стручна работна сила, а не обратно". Турскиот министер истакнал дека не се добредојдени само тие со турско потекло, туку и Германците.
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган планира од својата земја да направи една од најголемите светски економии, а тоа би требало да биде остварено најдоцна до 2023 година.
Турција во 2011 имала стопански раст од 8,5 отсто. Особено брзо растат градежниот и енергетскиот сектор во Турција. Но поради лошата стопанска состојба во Европската Унија „2013 година ќе биде критична за Турција", вели Синан Улген, претседател на Центарот за економски и надворешнополитички студии во Истанбул.
„Токму во економски тешките времиња турската работна сила од Германија игра голема улога", истакнува Улген. „Турција се надева на знаењето на експертите со турско потекло, кои се обучувале во Германија. Поради својата подобра финансиска состојба тие имаат поголеми можности да отворат свои фирми во Турција, што ќе отвори и работни места".
Меѓутоа, стопанскиот бум во Турција има и свои негативни страни, предупредува турскиот економист Мустафа Сонмез.
„Странските инвестиции во градежништвото создаваат опасен меур од сапуница. Мислам дека Турција треба да го намали тој сектор и да ја зајакне индустријата која е многу запоставена", вели тој.
Ако шансите во Турција повторно се влошат или разликите во менталитетот се покажат непремостливи, германските Турци имаат уште една предност – секогаш можат да се вратат во Германија.